Пендаровски, Петровска и Османи на самитот на НАТО во Мадрид

Примањето на Шведска и на Финска во НАТО е директен одговор на рускиот претседател Путин дека неговата стратегија нема да успее и тоа ќе покаже дека алијансата останува со отворени врати за нови членки, порача денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг од самитот во Мадрид.

Столтенберг се заблагодари Шведска, Финска и на Туркије за постигнатио договор доцна синоќа со кој се отвори патот за проширувањето.

- Овие преговори беа тешки и траеја повеќе недели, со повеќе контакти на повеќе нивоа, синоќа се сретнавме и со претседателот Ердоган и челниците на Шведска и Финска и успеавме да постигнеме конечен договор. - изјави Јенс Столтенберг, Генерален секретар на НАТО.

Во најновата стратегија на НАТО, Русија зтанува главна закана за алијансата, додека досега се сметаше за стартегиски сојузник. Столтенберг порача и дека сојузниците ги зголемиле своите трошоци за одбрана а единиците за брз одговор на НАТО како реакција на инвазијата врз Украина се зголемуваат од 40 на 300 илјади војници.

Столтенберг најави и нов пакет помош за Украина, главно во дефанзивно оружје и материјали и најави помош за транзиција на Украина од советско на западно оружје. Во Мадрид учествува и државна делегација на Северна Македонија предводена од претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и шефот на дипломатијата Бујар Османи. Пендаровски укажа дека самитот е шанса земјите членки да покажат единство.

Уште пред почетокот на самитот, руската вселенска агенција објави сателитски снимки од местото на одржување на настнот, како индиректна порака со западот. И Кина кажа дека е многу загрижена поради импликациите на новиот стратешки концепт на НАТО, со оглед дека и Пекинг е спомнат како потенцијална закана за слободата во светот.