Пендаровски: Не можам да го чувам мандатот во фиока, ако Заев не обезбеди мнозинство - ќе го врати
Foto

Пендаровски: Не можам да го чувам мандатот во фиока, ако Заев не обезбеди мнозинство - ќе го врати

„Не можам да го чувам мандатот во фиока и морам да го доделам во рок од десет дена од верификувањето на мандатите на пратениците. Aко лидерот на СДСМ, Зоран Заев не обезбеди 61 пратеник за 20 дена, тој ќе го врати мандатот“ рече попладнево Претседателот Стево Пендаровски откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со неколку пратеници дојде на консултации во Вила Водно за да побара образложение зошто Пендаровски му го дал мандатот на Заев без тој да има парламентарно мнозинство.

Пендаровски рече дека според член 90 од Уставот, со верификацијата на мандатите почнува броењето на десет дена претседателот да го даде мандатот и наведе дека така било и во 2006 година и во 2016 година. 

„Најмногу прашања беа дали и на кој начин тој ме увери дека има мнозинство. До овој момент 61 пратеник нема ниту една партија, но Заев се јави вчера и рече дека во преговорите со партиите тој е на добар пат да обезбеди мнозинство. До денес ниту една партијата не се јави, а мене роковите ми течат. Не можам да го земам мандатот и да го чувам во фиока, должен сум да го дадам мандатот. Немам намера мандатот да го носам дома и да нема институции кои ќе се формираат“ - рече претседателот Пендаровски.

Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги замрзне односите со претседателот, на што Пендаровски рече дека „Тоа е негова одлука во едно демократско општество, но вели дека е сигурен дека ако Заев не обезбеди мнозинство, Мицкоски прв ќе го побара мандатот од него, и покрај замрзнатите односи“.

0 Коментари

Остави коментари