Пендаровски: Клучниот проблем на ЕУ е носењето одлуки со консензус
Foto

Пендаровски: Клучниот проблем на ЕУ е носењето одлуки со консензус

Претседателот на државата Стево Пендаровски искажа скептицизам во однос на шансите Северна Македонија денеска да добие одлука за почеток на пристапните преговори со Европската Унија.

Пендаровски, кој денеска учествуваше на панел дискусија на тема „Триесет години независност и евро-атлантските перспективи на Република Северна Македонија“, во организација на невладината организација Еуропроспера, говореше за неуспехот на процесот на проширување, за принципот на консензус како причина за блокадите во ЕУ и парализираност во носењето на брзи одлуки.

- Клучниот проблем на ЕУ е носењето на одлуки со консензус. Без измени на тоа, Унијата не може да биде клучен геополитички играч. Тоа доведува и до пораст на евроскептицизмот во регионот на Западен Балкан и во Северна Македонија, но и во самата ЕУ, што е поразително, рече претседателот Пендаровски, соопштија денеска од неговиот кабинет.

Во своето обраќање, шефот на државата се осврна и на односите со соседна Бугарија и блокадата од Софија во контекст на македонските евроинтеграции.

Тој го реафирмира ставот дека ако цената за влез во ЕУ е да се обезличиме, тогаш не ни e потребна ЕУ.

- Јасно е кажано од Софија дека во недостаток на Парламент и во недостаток на политичка влада тие нема да можат да дадат зелено светло. Се што можеше од наша страна да биде понудено како гест на добра волја, а што не излегло од рамките на едно резонско разговарање и преговарање за битни аспекти на билатералата со Софија беше понудено. Се разбира, не можеме да влеземе во идентитетскиот комплекс и ако некој очекува дека по јули или август ќе го направиме тоа, тој се лаже, потенцира претседателот Пендаровски.

Додаде дека останува да очекуваме по конституирањето на новата бугарска Влада да кажат како ќе излеземе од оваа ситуација што самите ја создадоа.

0 Коментари

Остави коментари