Пендаровски ја најави кандидатурата: Во мојот втор мандат очекувам да станеме членка на ЕУ

Се кандидирам не само за да учествувам на изборите туку за да победам, рече денеска актуелниот претседател Стево Пендаровски, најавувајќи ја својата кандидатура.

За таа цел ги очекува гласовите од сите етнички заедници. Првата и главна причина поради која се кандидира, вели, е тоа што зад себе има мандат без ниту една стратешка грешка. 

Потсети дека во неговиот прв мандат Македонија стана членка на НАТО а очекува во вториот мандат да бидеме и членка на ЕУ

Дециден е дека не постои партија што го контролира неговото работење. Не сакаше да одговори дали има посакуван против кандидат, а не смета дека доколку тој и Силјановска Давкова влезат во втор круг, тоа би било дежа ву од претходните избори.

На 3 мај во недела се очекува и СДСМ да ја формализира својата поддршка за кандидатурата на Пендаровски, а веднаш потоа од понеделник тоа да го направат и останатите 10-тина политички партии од таа коалиција. Пендаровски побара широка граѓанска поддршка за неговата кандидатура и ги повика граѓаните да ја поддржат преку потписи.