Пендаровски чека партиите да побарат средба да му кажат дека дека имаат мнозинство
Foto

Пендаровски чека партиите да побарат средба да му кажат дека дека имаат мнозинство

По вчерашното верификување на мандатите на новите пратеници започна „трката“ за формирање на Влада. 

Ако се' оди според Уставот претседателот на државата Стево Пендаровски во рок од десет дена мандатот за состав на новата Влада да му го довери на кандидатот на онаа партија или партии кои што ќе формираат мнозинство во Собранието. 

Од кабинетот на претседателот денеска порачаа дека Пендаровски нема да кани никого на разговор туку ќе го чека исходот од преговорите помеѓу политичите партии.

„Во однос на прашањето кога претседателот би имал средби со партиите, ќе го почекаме исходот од разговорите кои се во тек меѓу партиите кои имаат освоено пратеници во Собранието. Која било партија или коалиција од партии што ќе обезбеди мнозинство во Собранието може да побара разговор кај претседателот за да го информира за резултатот од политичките преговори.“ - велат од Кабинетот на претседателот. 

А откако претседателот ќе го додели мандатот, мандатарот во рок од 20 дена на Собранието треба да му поднесе предлог со имиња за состав на Владата. А тоа го најавуваат и лидерот на СДСМ Зоран Заев ама и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. И двајцата веруваат дека токму секој од нив ќе биде идниот премиер што ќе ја предводи извршната власт. 

Од Социјалдемократскиот сојуз велат дека претседателот Зоран Заев веќе остварил средби со претседателот на ДПА, Мендух Тачи, со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, како и со претседателите на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Зела и Африм Гаши. 

„Разговорите веќе течат а врз основа на принципи за нов четиригодишен полн мандат на стабилно мнозинство во Парламентот и формирање посветена Влада, која ќе се движи брзо напред по европскиот пат и патот на економијата и на правдата.“ - велат од СДСМ.

А во своите принципи се колне и верува и Мицкоски кој на денешната прес конференција го повтори ставот на партијата дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да обезбеди поддршка од 61 пратеник во Собранието и со тоа да го формира идниот владин кабинет но не по цена на принципите и достоинството како и програмските определби и начела на партијата. 

„ВМРО-ДПМНЕ во парламентот има 40 пратеници, втората по големина е СДСМ со 32. Коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ има 44, коалицијата што ја преводи СДСМ е 42, така да го имаме и правото и легитимитетот да ја нарекуваме ВМРО-ДПМНЕ најголема политичка партија во државата и во парламентот. Така што ќе се обидам како што кажав да постигнам парламентарно мнозинство од 61 пратеник и врз основа на таа поддршка која што би ја добила идната влада да можеме да ги спроведени политиките кои што ги ветивме пред граѓаните. Се разбира доколку не успееме, ВМРО-ДПМНЕ останува во опозиција и ќе се бори против сите оние погрешни политики кои што би ги водело идното парламентарно мнозинство, но врз основа на принципите на кои што се темели постоењето на оваа политичка партија, врз основа на принципите дефинирани во програмата со која што настапивме во програмата ќе се обидеме да формираме парламентарно мнозинство.“ - изјави Мицкоски.

А лидерот на ДУИ Али Ахмети пак за дневниот весник „Коха“ изјави дека партијата нема да брзаме никаде и дека секој чекор што ќе го преземе ќе го направи во интерес на државата. 

Врз основа на доставената програма и предлог-имињата на мандатарот, Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници ја избира новата Влада.

0 Коментари

Остави коментари