Пеколни жештини, препораки за заштита и работници на најжешкото на улица
И покрај препораките за заштита од екстремно топлото време работници сепак има на терен и на екстремно високи температури. Работат за да ја завршат зададената задача и покрај апелите за заштита. Од Сојузот на синдикати на Македонија со апел, работодавците да ги заштитат работниците од топлотниот бран и температурите до 40 степени, особено оние што работат на отворено.
Сојузот на синдикати на Македонија: „Значењето на животот и здравјето на работниците, во овие услови на екстремно високи температури е од исклучителна важност и сите заедно треба да го зачуваме здравјето на работниците и граѓаните, тие се двигатели на општеството. Работодавачи зачувајте го здравјето на работниците тие се ваши партнери! Работници почитувајте се , спроведувајте ги мерките за безбедност и здравје при работа , а доколку тоа право не ви се почитува пријавете кај вашиот синдикален претставник , претставникот на работниците за БЗР и Државниот инспекторат за труд!“ - повикуваат од ССМ
Поради најавените високи температури до 7 август, Институтот за јавно здравје апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките, а особено да внимаат лицата над 60 години, бремените жени, децата, работниците на отворено, како и лицата со хронични заболувања. Дел од препораките се:
Институт за јавно здравје
-Избегнувајте директно изложување на сонце.
-Носете светла и лесна облека.
-При неопходен престој на отворен простор во овој период, најдете можност за почести одмори под сенка и избегнувајте директен престој на сонце.
-Внесувајте умерена количина храна. Избегнувајте масна и висококалорична храна како и храна која содржи голема количина на шеќер.
-Внесувајте доволно течности во текот на целиот ден.
-Кога сте во паркирано возило, отворете го прозорецот со цел да овозможите вентилација. Целосно затворените возила стануваат многужешки. Не оставајте никого во возилото!
-За сите промени во здравствената состојба, задолжително да го консултираат својот матичен лекар.“ - ова се дел од препораките на ИЈЗ.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека под влијание на топла воздушна маса од југ продолжува периодот на сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност во текот на денот. Дневната температура насекаде ќе биде над 33°C, а во некои места ќе надмине 40°C. Високи температури ќе се задржат и во текот на ноќните часови.

