Пеколни горештини, лекарите предупредуваат да се седи дома
Македонија влезе во топлотен бран. Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран денес и утре во портокалова фаза, останатиот дел од државата овие два дена ќе биде зафатен од високи температури, но од жолта алерт фаза.
Југот на Македонија зафатен од високи температури во портокалова фаза. Високите температури создаваат проблеми врз здравјето, најмногу кај хронично-болните лица. А што велат лекарите, како да се внимава на здравјето во време на топлотен бран?
Жешко и тешко, вака накратко граѓаните го дефинираат топлотниот бран кој го зафати речиси целиот регион.
Владата излезе со мерки за превенција од топлотни бранови и на сила се препораките за заштита на населението.
„За градовите што ќе бидат зафатени од портокалова фаза се препорачува ослободување од работните обврски на најранливите групи население, односно бремените жени и лицата на возраст над 60 години. Во градинките е препорачано да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.“ - велат од Владата.
Топлотниот бран предизвика и присуство на змии во населени места. Од Центарот за управување со кризи превентивно потсетуваат што да се прави ако граѓаните наидат или бидат каснати од змија. Од таму велат во таков случај да се јават на 112 при што ќе бидат поврзани со Итната медицинска помош.
Инаку, освен во земјава, деновиве топлотен бран со температури кои ќе се искачат до 45 степени и во Грција и Турција. Сепак, од УХМР најавуваат позначително намалување на температурите веќе во петок, за кога се очекува тие да бидат дури за околу 10 степени пониски од оние кои ги имаме сега.