Пекинг ги откажа прославите за кинеската нова година поради коронавирусот
Foto

Пекинг ги откажа прославите за кинеската нова година поради коронавирусот

Властите во кинескиот град Вухан, каде што беше регистриран првиот случај на новиот тип на коронавирус, прогласија карантин, најголем во историјата на земјата. Освен сите летови и железнички линии, властите ги суспендираа јавните автобуси и метрото, како и траектите, наредувајќи им на 11-те милиони жители да не го напуштаат градот без посебна причина.

Откажани се сите групни тури до 8 февруари, како и сите јавни настани за Лунарното новогодишно празнување што во Кина почнува утре.Откажани се сите новогодишни прослави и во Пекинг. Властите наложија задолжително носење маски на јавни места. Бројот на жртви од новиот коронавирус достигна над 25, додека бројот на заболени порасна на 600. Властите воведоа ограничување на патувањата и уште во три големи града во Кина во кои живеат над 20 милиони жители за да се спречи ширењето на епидемијата.

Светската здравствена организација ги пофали „многу силните мерки на Кина“ за спречување на епидемијата.

„Ние им нагласивме дека со преземање на одлучна акција не само што ќе ја контролираат епидемијата во својата нивната земја, туку и ќе ги намалат шансите оваа епидемија да се прошири на меѓународен план. Тие го сфатија тоа.“ - изјави Тедрос Аханом Гебрејесус – директор на СЗО.

Македонските власти смируваат, велат нема потреба од паника и воведување посебни мерки во државата. Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, најави изготвување дополнителни информативни материјали, посебно до аеродромот во Скопје наменети за патниците кои превентивни мерки треба да ги преземат. Вухан се смета за епицентарот на појавата на епидемија и тоа на пазарот на морска храна каде што нелегално се продавале и диви животни.

Корона вирусот се пренесува меѓу луѓето преку дишење, а кинеските здравствени работници соопштија дека тој може да мутира и да се шири. Глобалниот сојуз за вакцини и имунизација соопшти дека развојот на вакцината против новиот тип на коронавирус ќе трае најмалку една година.

„Добрата вест е дека сите научници веќе го секвенционираа и објавија геномот на вирусот, што овозможи неколку организации во светот да почнат да работат на вакцината.“ - изјави Сет Беркли – директор на ГАВИ.

Првиот случај на новиот вирус беше потврден на 31 декември, а оттогаш се откриени случаи во Јапонија, Макао, Јужна Кореја, Тајван, Тајланд и САД.

0 Коментари

Остави коментари