Пехчевски во СТУДИО 10: Државата погрешно одговара на енергетската криза со инвестирање во загадувачи наместо во обновливи извори

Аерозагадувањето во Македонија убива околу 3000 луѓе годишно. Оваа бројка не е некоја новина, но се чини дека бројката не се менува.

-Таа бројка е извлечена од Европската агенција за животна средина и нивните истражувања врз основа на која се прават статистики за предвремени умирања како последица од загадување по земји. Кај нас речиси ништо не е преземено, освен некои мали интервенции, па затоа и бројката не се менува, вели Давор Пехчевски, програмски координатор на Еко-свест во емисијата СТУДИО 10 на ТВ24.

Реален е впечатокот на луѓето дека сега имаме повторно зголемено загадување оти властите погрешно реагираат на енергетската криза, вели Пехчевски. Тој додава дека властите сега ги активираат старите извори на енергија кои работат на загадувачки енергенси наместо да вложуваат во еколошки начини.

Пехчевски вели дека ако уште малку се влоши ситуацијата ќе се создаде критична маса за протести. Во секој случај, сега се целосно запоставени здравјето и животот на луѓето поради погрешниот одговор на енергетската криза.

Енергетската транзиција во Македонија требаше да започне пред 3-4 години. Во сегашните услови се она што досега е сработено на тој план се занемарува и ние се враќаме децении наназад. Пехчевски вели дека затоа таа трансформација ќе се одлоѓи и оддолжи, а ние ќе завлеземе во криза која ќе се провлекува со години.

-Ние сакаме да поттикнеме децентрализација на енергетскиот сектор. Буквално секој човек може да биде дел од електросистемот. Сега има можности за поставување фотоволтаици и слично. Домаќинствата можат да инвестираат во енергетска ефикасност на домовите. Власта треба да овозможи формирање енергетски заедници во кои неколку семејства ќе се здружат и ќе инвестираат во обновливи извори на енергија за сопствени потреби, вели Пехчевски.