Пекарите го намалија производството, нема леб во дел од маркетите утрово

Утрово дел од маркетите во скопската населба Аердром не добија свеж леб, туку дистрибутерите донесоа леб кој на пекарите им останал вчера непродаден.

Граѓаните кои поранија да купат леб и други намирници се изненадени од ситуацијата иако претставници на пекарската индустрија пред два дена најавија дека ќе го прекинат производството на лебот ако Владата донесе одлука за замрзнување на цената на лебот на 33 денари. 

Владата вчера ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари и така ќе остане до крајот на мај годинава. Исто така, Владата ја укина и субвенционираната струја за компаниите кои произведуваат основни прехранбени производи.

Од пекарската индустрија иако најавија дека ќе причекаат одлуката да излезе во Службен весник, па потоа ќе се реализира најавата за прекин на производството, некои пекари го намалија производството уште денес.