Пејачот Ламбе Алабаковски го подметнал пожарот во центарот “Ванчо Михајлов“ - по приведувањето го признал делото

Пејачот Ламбе Алабаковски го подметнал пожарот пред бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, потврдија од битолската полиција. 34 годишниот Алабаковски го признал  делото и ќе се гони кривично, а кај него полицијата пронашла несоборливи докази кои директно го поврзуваат со пожарот информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Влезната врата на бугарскиот клуб во Битола и натписот Ванчо Михајлов беа запалени во саботата утрото в очи на работната средба на бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска со колегата од Македонија, Бујар Османи во Скопје и предизвика остри реакции во јавноста.

Генчовска при посетата на Битола кажа дека ја видела снимката од инцидентот и на неа се гледало како човек пристигнува со велосипед и со туба со запалива течност ја полива вратата. Според министерот Спасовски брзата интервенција со пронаоѓање на сторителот е доказ дека институциите фунцкионираат.

Откако од утринава молњевито се прошири веста дека пејачот Ламбе го предизвикал пожарот во бугарскиот клуб бројни јавни личности и адвокати  застанаа во негова одбрана и понудија бесплатна правна помош за Алабаковски.

Според дел од нив не постои простор за кривичен прогон, бидејки не е нанесена поголема материјална штета клубот бил затворен и ниедно лице не било загрозено.