Пцуења, навреди, на раб на физички пресметки

Извинување во празна сала, кога ниту еден пратеник од опозицијата не беше присутен. Вака лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, кој пак не беше присутен на седницата, реагираше на извинувањето од премиерот Христијан Мицкоски за инциденот кој се случи во Собрание меѓу новоизбраниот министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ и пратениците од СДСМ Митко Трајчулески и Фатмир Битиќи, но и навредите кои Мицкоски ги упати до Битиќи.

По што откако не добија извинување, од премиерот, Стоилковиќ и Гаши, најпрво ДУИ, пратениците на Села и Таравари и на крајот СДСМ ја напуштија седницата.

Венко Филипче, лидер на СДСМ

- Ќе беше културно и достоинствено ако се извинише, но тој само создаде привид, се извини во празна сала, кога опозициските пратеници ја напуштија салата, само за да направи еден политички театар. Едно срамежливо, изнудено извинете. Меѓутоа, тоа не може да ги избрише навредите и неговиот начин на однесување. 

Пред самиот крај на седницата, премиерот само пред своите пратеници и пред пратениците од неговите коалициски партнери од говорница рече дека се извинува поради тоа што и јавноста но и пратениците биле сведоици на ваков настан.

Христијан Мицкоски, премиер

- Како претседател на владата да се извинам на вас пратениците и на граѓаните што денеска бевме сведоци на овие настани и се надевам дека тоа никогаш повеќе нема да ни се повтори.

Телевизија 24 испрати прашање до новиот министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ за тоа зошто не им се извинил на пратениците за навредите кои им ги упатил но тој не ни одговори.

Навредите, пцовките и вербалните закани кои се случија во Собрание меѓу новиот министер и пратениците следеа откако во Собранието се разви дебата меѓу премиерот и пратениците од опозицијата. Пратениците од СДСМ ја обвинија и власта но и новоизбраниот министер дека се поврзани со српски структури, додека пак премиерот на тоа им врати дека се полни со фрустрации. 

После ицидентот атмосферата во Собрание беше тензична па така не можеше да се развие конструктивна дебата. Постојано се бараа паузи и коордианции кои на крајот ја испразнија салата па така новата влада беше избрана само од пратениците од владејачкото мнозинство.

Министрите во заминување и министрите кои од денеска седнуваат во фотелјите беа на ист начин пофалени од премиерот Мицкоски,па остана нејасно прашањето зошто претседателот на владата се одлучи за промена.

Новите имиња во владиниот кабинет се министер за правда е избран Јетон Шасивари член на ВРЕДИ, за нов министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски од Движењето ЗНАМ, за нов министер за односи меѓу заедниците Агон Ферати од ВРЕДИ, за нов министер за здравство Сашо Клековски од ВМРО-ДПМНЕ, за нов министер за туризам и култура Седат Сулејмани од ВРЕДИ, за нов министер за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски од ВМРО-ДПМНЕ, за нов министер за локална самоуправа Иван Стоиљковиќ од ДПСМ, а за нов министер без ресор Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ.