Пченицата за неколку години ќе исчезне од Овчеполието?

Јачменот годинава ќе даде повисоки приноси од лани, но пченицата ќе потфрли. Земјоделците од овчеполието вината ја гледаат во лошиот семенски материјал и скапото вештачко ѓубре, што поради недостиг на пазарот, го фрлиле предоцна на нивите. 

На лош семенски материјал се жалат и оризарите. Тие во најголем дел  користат меркантилно семе што често значи и непостојан квалитет и помали приноси. На недостаток од национални сорти, зависност од увоз, ограничен пристап до семенски материјал, се предупредува и во проектот подржан од ФАО за „Создавање погодна средина за подобрена отпорност на земјоделството на климатските промени“. 

„Ограничениот пристап до семенски материјал дополнително ја влошува ефикасноста и одржливоста на земјоделското производство, а со тоа и егзистенцијата на индивидуалните земјоделци во руралните средини. Голем предизвик е производството и сертификацијата на квалитетен семенски материјал од домашни производители“ се вели во извештајот од проектот. 

Според експертите државата треба сериозно да работи на зголемување на површините, но и да не ја заборави борбата со климатските промени, што сериозно ги намалуваат приносите секоја година. Посебно во услови кога Македонија е увозно зависна земја, а речиси сите големи производители ги спуштија рампите за извоз на клучните земјоделски производи.