Пазарџиите не смеат да работат во недела, ќе се кренат на протести
Foto

Пазарџиите не смеат да работат во недела, ќе се кренат на протести

Нема повеќе недела - пазарен ден. Измените на Законот за работни односи кои наскоро ќе влезат во собраниска процедура, а со кои недела ќе биде неработен ден, забрануваат работа во недела и на зелените пазари. Тие не се помеѓу 39-те дејности кои се исклучок од оваа новина.

Пазарџиите се револтирани. Велат дека пазарите најмногу работат во недела, а доколку неделата се прескокне, ќе претрпат штета и нивните земјоделски производи.

Реагираат и од Групацијата на пазари при Стопанска комора. Тие се надеваат дека тоа што пазарите се испуштени во исклучоците од работа во недела е ненамерен пропуст на предлагачот на законот. Во спротивно, велат, штета ќе претрпат 30тина илјади граѓани кои живеат од продажба на пазарите.

Сепак, според одговорот кој го добивме, се чини дека Министерството за труд и социјална политика нема намера да им дозволи на пазарите да работат во недела. Оттаму велат дека целта на ваквото законско решение е да се подобри балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот и со неработењето во недела, да се постигне подобра семејна усогласеност меѓу работните и семејните обврски. 

„Исклучок од ваквото правило би биле работниците во оние дејности каде поради природата на работата и потребата од континиутет работните процеси не можат да се прекинат, за што овие работници со додатокот на плата за работа во недела, во некоја мера ќе бидат компензирани за работењето во ден кога повеќето работници одмараат. Оттука, посочуваме дека со Законот за работните односи се уредуваат работните односи помеѓу работниците и работодавачите, односно, меѓу другото, се уредуваат правата од работен однос, со што во конкретниот случај со наведениот Предлог на Закон се уредува правото на работниците на неделен одмор и начинот на користење на истиот.“

Доколку Министерството за труд не се предомисли и не ги исклучи пазарите од измената на законот, и пазарџиите, но и компаниите кои стопанисуваат со пазарите најавуваат протести.

0 Коментари

Остави коментари