Пауновски во 24 анализа: Граѓаните почесто да пријавуваат неправилности во инспекторатите

Инспекторот Стојко Пауновски во 24 анализа ја објасни процедурата за добивање на лиценца за работа за дискотеките, ноќните клубови и кабарињата. Според него, треба почесто да се прават инспекциски надзори по дојави од граѓани.

„За секоја дискотека и кабаре да добие лиценца за работа, барања се поднесуваат до Министерство за економија и Министерството дава услови кои треба да се исполнат и дозволи од други институции кои треба да се набават за да може Министерството да издаде лиценца. Секој кој поднесува барање за лиценца прво треба да биде правно лице, второ објектот треба да има употребна дозвола и да биде регистриран за угостителска дејност. Потоа се бара од МВР да ја провери безбедноста, да провери децибели, бучавост, да проверат дали има паркинзи доволно и ако ги има сите тие услови МВР дава позитивно мислење. Тогаш заедно со барањето се уплаќа одредена сум на пари и кога ќе се уплати, уплатницата заедно со барањето до Министерството за економија се издава лиценца во рок од 15 дена“, рече Пауновски.

Тој објасни и дека граѓаните треба почесто да реагираат и да пријавуваат неправилности. „Инспекцијата треба редовно да контролира, дали објектите имаат лиценца, дали имаат платено, дали имаат исполнето минимални технички услови. Конторлата зависи од дојави. Некој од Скопје не може да знае што се случува во Кочани  свеста кај граѓаните треба да е поголема. Сигурно луѓето знаеле за неправилностите и требало на време да се пријават. Потребна е соработка со граѓаните“, додаде Пауновски.