Патници од Велес останаа без превоз откако се расипал возот што требало да ги однесе за Скопје

Неколку десетици велешани кои со воз патуваат на работа во Скопје, утрово задоцнија, оти возот во 6:27 не се појави на велешката станица. Се расипал синоќа, на тргнување од Скопје кон Гевгелија.

И покрај ова, од Македонски железници не известиле за тоа, за да можат оние кои планираат патување со воз, да бараат алтернатива. Од државната компанија која управува со возовите велат дека има промена на килимата, па возовите реагирале на тоа.

Патник кој секојдневно патува со овој воз, но не сакаше да зборува пред камера, за Телевизија 24 револтирано вели дека морал да се изложува на дополнителни трошоци. Тој бара одговорност од Македонски железници транспорт, оти ваквите настани освен пари, можеле да го чинат и губење на работното место. Директорот Терзиевски не чувствува лична одговорност.

Железничкиот сообраќај во земјава е во лоша состојба. Возовите доцнат и по неколку часови, а некогаш и со денови, а пругите и мостовите се дотрајани и попуштаат. Поради ова, патниците ретко го избираат возот како превозно средство.

Во последните пет години железничкиот мост кај Стоби, на вливот на Црна Река во Вардар два пати попушта, при што и првиот и вториот пат сообраќајот беше во прекин повеќе од еден месец, а железницата изгуби неколку милиони евра. И додека возови има се помалку, во двете компании на Македонски железници има директори на претек - вкупно 14, од кои двајца генерални.

И покрај тоа што во последните 10 години се сменети10 директори, подобрување на состојбата нема.