Партиски соопштенија со политички рецепти за народни закуски - СДСМ преминува на сатира и сарказам

Гответе со Мицкоски, РЕЦЕПТ за лага од кујната на ВМРО-ДПМНЕ: Долго готвена ИПАРД каша. Невообичаено соопштение на Социјалдемократскиот сојуз објавено на официјалната Фејсбук-страница предизвика лавина реакции во јавноста.

Извори од СДСМ за Телевизија 24 велат дека преку сатиричен и саркастичен пристап опозицијата настојува да ги прикаже, како што наведуваат, лагите и манипулациите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ насочени кон опозицијата.

„Гответе со Мицкоски, РЕЦЕПТ за лага од кујната на ВМРО-ДПМНЕ: Долго готвена ИПАРД каша. За оваа лага ви се потребни: еден Зоран Заев и еден Венко Филипче, и пар роднини од Заев, по можност браќа, братучеди, море било кој. Како ја подготвуваме оваа лага: Еден Заев… Е сега, бидејќи Заев е жилав, мора долго да се динста. Дури и 5 години откако е во политичка пензија, можеби ќе треба и повеќе. Еден Венко. Тука е дополнителен проблем. Тој е прилично нов и свеж, па мора да се измеша со нешто долго динстано. На пример, Заев, кого претходно сте го маринирале. Ја добивте основата. Сега одат додатоците. Најдобро е да додадете неколкумина од семејството Заев. Одлично се сложуваат со Зоран, а и нив претходно сте ги динстале, па низ цедалка сте ги пропуштале; сега како зеленчук усогласете ги со Венко. Сте веќе блиску до крајот, но не заборавајте уште некој министер. Одлично се сложува со сево ова“, стои во дел од соопштението на СДСМ.

Не изостанаа реакциите од владејачката ВМРО–ДПМНЕ. Оттаму велат дека СДСМ претставува „трагедија на македонското општество“, а начинот на комуникација го поврзуваат со поранешниот лидер на партијата и екс-премиер Зоран Заев.

„ВМРО-ДПМНЕ смета дека реакцијата на СДС е на ниво на состојба која е надвор од сферата на политиката, а повеќе во сферата на душевното здравје на авторите кои од ноторни криминалци прават жилави луѓе и жртви. Тој ментален склоп и тој систем кој тие го имаат создадено е трулежот на македонското општество. И колку и да глумат кловнови со вакви соопштенија (жалиме за реториката, но посоодветен термин не можеме да најдеме), сепак нема да може да избегаат од својата одговорност за сите свои злодела. Убедени сме дека оваа реакција или ја пишувал лично Зоран Заев или некој кој им е на платен список и сака да им испадне интересен и се адаптира на нивниот систем на вредности и хумор кој е разбирлив за одредена категорија на луѓе“, стои во дел од реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Несогласувањата меѓу власта и опозицијата и невообичаениот наратив уследија по серијата скандали што во јавноста ги објавија двете најголеми политички партии. Скандалите се поврзани со Министерството за земјоделство и ИПАРД-фондовите, за што беа поднесени и пријави против поранешниот заменик-министер за земјоделство од редовите на СДСМ, Трајан Димковски, а со нерегуларностите беше поврзуван и актуелниот министер за земјоделство, Цветан Трипуновски.