Партиски реакции за истрагата во Кочани
Не се смируваат реакциите на партиите околу истрагата што ја спроведува МВР и обвинителството за катастрофата во кочанската дискотека.
Од опозициската СДСМ бараат проширената истрага да ги опфати и актуелните функционери, бидејќи засега се фокусира само на минатото. Според нив повторно нема истрага против никого од МВР одговорен за кобната ноќ.
- Ако затаиле контролните механизми и безбедноста, кои се под директна надлежност на ОВР Кочани, СВР Штип, односно МВР и БЈБ како е можно ниту еден од актуелните функционери да не биде приведен и да не биде опфатен со истрагата? Не само што не изготвиле безбедносен план и не направиле проценка на ризик, полицијата била на лице место кобната ноќ во диското - видела малолетници, пиротехника, непријавен настан, клуб без лиценца. - и не презела ништо. - СДСМ.
Од Алијанса за абанците на Зијадин Села велат дека се злоупотребува кочанската несреќа за удар врз Албанците и било неправедно дури и кон жртвите од таа ноќ.
- Неправедните, неосновани и чисто етнички мотивирани апсења, злоупотребувајќи ја кочанската трагедија, имаат две цели: Да се сокријат вистинските одговорни, почнувајќи од премиерот, министерот за внатрешни работи и актуелните раководители на надлежните, локални и централни органи. Да се заплашуваат Албанците, да се угнетуваат Албанците и да се предизвикуваат револт и меѓуетнички тензии, со цел дефокусирање од реалните проблеми и одговорности. Алијансата за Албанците, уште во првите моменти изрази сочувство кон семејствата на жртвите во трагедијата во Кочани. Нѐ интересира правда и одговорност, целосно расветлување на случајот и казнување на вистинските виновници за семејствата да добијат барем правна сатисфакција.
Министерот за внатрешни работи Тошковски рече истрагата не сме да биде под влијание на политичките препукувања. Според него заврши времето кога беа виновни пајакот и кабелот.
Претходно и од ДУИ повикаа на темелна истрага за Кочани, според албанската опозиција апсењата предизвикуваат меѓуетнички тензии. Од таму ја нагласуваат итната потреба за одговорност и обезбедување почитување на сите стандарди за да се спречат вакви трагедии во иднина.
- Наместо да преземе брза и решителна акција и да ги повика на одговорност оние кои се вистински виновни, владата се вклучи во активности за бегање од одговорност на актуелните функционери и се оддаде на создавање непотребни етнички тензии. Во моментов Мицкоски со неосновано апсење на Албанци се обидува да предизвика меѓуетнички тензии, како параван за неуспесите на владата и како алатка за предизвикување етнички раздор. - ДУИ.
Од Левица пак објавија дека подготвуваат интерпелација во собранието за министерот Тошковски поради како што велат селективност во истрагата по трагедијата што се случи во дискотеката.