Партиски реакции после интервјуто на Заев
И два дена по интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС не стивнуваат реакциите на домашната политичка сцена. Се нижат партиски реакции и од власта, но и од коалициските партнери на премиерот.
Либералдемократската партија бара од Заев да свика средба на владеачката коалиција, одлука што извршниот одбор на ЛДП ја донел на вчерашната седница. Со реакција се јави и поранешната претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска која на својот фејсбук профил, меѓу другото напиша, дека „никој македонски политичар не добил мандат за дава такви изјави за сериозни прашања“
А откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера побара гласање за доверба на Владата, денеска потпретседателот на партијата Александар Николски изјави дека не смее да се дозволи „срамот на Зоран Заев да стане колективен срам“.
Премиерот Зоран Заев ја ризикува својата политичка кариера, само за да го деблокира патот на земјата кон Европската Унија, изјави денеска лидерот на ДУИ, Али Ахмети а министерот за надворешни работи Бујар Османи кој од денешниот партиски настан на ДУИ порача дека со искажаните ставови во интервјуто за БГНЕС премиерот Заев се обидел да отвори различни перспективи и излез од безидејноста.
А претседателот на ВМРО - Народна партија, Љубчо Георгиевски во гостувањето во Студио 10 на ТВ 24 потнцираше дека сите работи што ги зборувал премиерот Заев во интервјуто се во согласност со објективната историја.
Во знак на револт, под мотото „Оставка на Заев, слобода на народот“ опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска одржува протести во Куманово, Тетово, Велес, Кавадарци, Прилеп, Охрид и Битола.