Партиски реакции по инаугурацијата на Пендаровски
Неколку минути по свечената заклетва на Стево Пендаровски дека ќе биде Претседател на сите, политичките партии од собраниската прес сала ги испратија првите пораки до новиот шеф на државата. Некои со критики и обвинувања, други пак со оптимистички очекувања.
За ВМРО ДПМНЕ државата доби Претседател со кредит и политичка хипотека, а политичките партии кои го поддржаа ќе бараат наплата на политички фактури. Му посакаа успешен мандат, но порачаа дека Пендаровски треба да ги исполни дадените ветувања, бидејќи ја комплетира апсолутната власт на СДСМ.
„Тие ќе очекуваат тој кредит да им се врати. Враќањето на тој кредит нема да биде од Пендаровски, а во следниот период ќе видиме кои сметки ќе стигнат на сметка на државата, Владата и на институциите.“ - изјави Антонио Милошоски – ВМРО ДПМНЕ.
Според ДУИ, најголемата испорачана фактура е консензуалноста за Пендаровски. Од СДСМ пак тврдат дека новиот Претседател ќе биде коректив на Владата во евентуални погрешни чекори.
„Пендаровски е наш кандидат и сметаме дека сме пресуден и одлучувачки фактор во неговата победа и нема зошто да испорачуваме фактури за наш кандидат кој победи на овие избори.“ - изјави Артан Груби – ДУИ.
„Се става крај на едно цело лошо извршување на мандатот, претседател на државата, заврши едно негативно поглавје од нашата историја обележано со молк за важните прашања, промовирање поделби помеѓу граѓаните, тензии, дискриминација и поддршка единствено на криминалните политики на режимот.“ - изјави Фросина Ременски – СДСМ.
Опозициската БЕСА има оптимистички очекувања од новиот Претседател. Се надеваат на реализација на дадените предизборни ветувања.
„Очекуваме од новиот Претседател тоа што го вети за време на изборите, но и она што го кажа да го изврши, да биде конзистентен во сите негови настојувања што ги искажа во својата платформа.“ - изјави Фадил Зендели – БЕСА.
Стево Пендаровски е првиот Претседател кој по изборите е признат и од власта и од опозицијата.