Партиски конгреси, обединување и реформи

Над 850 делагати од владејачката ВМРО-ДПМНЕ утре во Кавадарци на 18 по ред партиски конгрес  формално ќе го реизберат актуелниот лидер Христијан Мицкоски кој веќе најави дека доколку добие поддршка ова ќе биде неговиот последен мандат на чело на партијата. 

На вчерашниот брифинг со новинарите Мицкоски кажа и дека на конгресот ќе бидат бидат избрани и членовите на статутарната комисија на партијата и на онаа за надзор на финансиското работење.

Од Кавадарци ќе стигне и документот „Стратегија Македонија 2030“, кој, според најавите, ќе биде усвоен на конгресот и претставен како рамка во која ќе се движи владејачката партија наредните години.

Бран на промени и нови избори ја следат и опозициската СДСМ. Претседателот на партијата, Венко Филипче денеска рече дека интензивно работи на внатрепартиската реконструкција, која треба да биде целосно завршена во следните две недели. 

- Јас интензивно работам на тоа поле изминативе денови, бројни состаноци, бројни координации, така што во следните две недели целокупниот процес ќе биде завршен. - рече Филипче.

Во вторникот, раководството на СДСМ и членовите на Извршниот одбор поднесоа оставки на предлог на лидерот на партијата Венко Филипче. За него ваквата одлука е отворање простор за ново поглавје во кое ќе има кадровско овсежување и зајакнување на партијата.