Партијата Алтернатива предмет на препукувања
Алтернатива, преку генералниот секретар на партијата Зеќирие Ибрахими му порача на премиерот Димитар Ковачевски веднаш да го испрати писмото со кое Владата ќе побара од Европската комисија тим од експерти за меѓународна истрага на процесите за кои постојат сомневања дека врз нив било вршено политичко влијание,како што се „Монструм“, „Алфа“, „Диво насеље“, „Малиот Алмир“.
„Повод за денешната прес-конференција е вчерашната изјава на премиерот дека ќе го процесира до Европската комисија писмото за монтираните случаи, која била втора точка од договорот потпишан помеѓу претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, и претседателот на СДСМ, Зоран Заев, прифатена и од актуелниот премиер, Димитар Ковачевски. Како што јавноста знае, веднаш по точката за европската интеграција, во тој договор е ставена и точката дека „Владата ќе испрати официјално барање до Европската Комисија со кое ќе побара тим од независни експерти кои ќе извршат меѓународна истрага на процеси за кои постојат сомневања дека врз нив било вршено политичко влијание, како што се: Монструм, Алфа, Диво Насеље, Малиот Алмир“. - изјави Зекирие Ибрахими од Алтернатива.
Независниот пратеник Скендер Реџепи кој мината година ја напушти Алтернатива, пак експресно им возврати на неговите довчерашни сопартиици дека откако отишле во опозиција се сетиле за програмските определби на партијата. Тој информира дека пред три дена се сретнал со премиерот Ковачевски, со кого разговарале за испраќање писмо до Европската унија во врска со судските случаи за кои постои сомнеж дека имало политичко влијание.
„Тие нема да носат одлука туку само мислење за секој од случаите одделно дали е правично застапуван, се до судската одлука. Ние сме убедени дека тие случаи се политички монтирани. Ако се докаже спротивното, независното експертско мислење ќе биде прифатено од сите, а верувам и од засегнатите во случаите“. - изјави Скендер Реџепи независен пратеник.
На новинарско прашање дали Алтернатива има соработка со „огнената група“ на ДУИ, како и со Беса, Ибрахими рече дека се во контакт со „огнените“, а дека за евентуално соработка со Беса треба да се разговара во партијата. Ибрахими рече дека по одлуката за старт на преговорите за членство во ЕУ во јули минатата година, согласно меѓупартискиот договор, Алтернатива на 24 август лани до премиерот Ковачевски го доставила писмото кое требало да биде испратено до Европската комисија.