Партиите во подготовки за локалните избори наесен

Десетина месеци пред локалните избори кои треба да се одржат во октомври годинава, дел од партите веќе се подготвуваат за изборното соочување. Градоначалниците на 80 општини и Градот Скопје ги „трчаат“ последните  месеци од мандатот.

По два градоначалнички мандати актуелниот градоначалник на Кавадарци Митко Јанчев е со повисоки амбиции за влез во централната власт. За Студио 10 на ТВ 24 вели дека официјалниот став ќе го има по консултација со највисокото партиско раководство. 

Претходно премиерот Христијан Мицкоски рече дека  во втората половина на мај ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ ќе ги соопштат имињата на кандидатите за градоначалници. Во партијата веќе е почната внатрепартиската дебата и од општинските комитети се пристигнати предлози со имиња.

Од она што засега е познато е дека Левица самостојно ќе трча на изборите, ќе типуваат на урбаните средини, а веќе анализираат имиња и за град Скопје. Претседателот на Левица Димитар Апасиев за ТВ 24 рече дека до пролет ќе ја имаат програмата. 

Внатрепартиски дебати и рејтинзи за  имињата со кои би истрчале на изборите се прават и во најголемата опозициска партија СДСМ. Особено атрактивен за партиите и потенцијалните кандидати е главниот град. Претседателот на градската организација на СДСМ Ѓорѓи Галетановски ќе ги поочека партиските анкети кои очекува да завршат на крајот на јануари, но не ја исклучува можноста да се кандидира  за изборната трка. 

Актуелната градоначалничка на Скопје Данела Арсовска во интервју за ТВ 24 веќе се изјасни дека нема да се кандидира за уште еден мандат. Најголем дел од помалите политички субјекти и партиите од албанскиот блок пак доправа ќе одлучуваат дали на изборите наесен ќе настапат самостојно или во коалиција. Локалните избори кои треба да се одржат наесен ќе бидат осми по ред избори за градоначалници и совети на општините од осамостојувањето на државата.