Партиите со контра обвинувања за тоа кој е виновен за закочените евроинтеграции

Извештајот на ЕК ги скара и денеска власта и опозицијата. Расправата по однос на оценките содржани во извештајот за Македонија се префрли и на седницата за пратенички прашања откако лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче директно го впери прстот кон премиерот дека како што рече сите ветувања кои предизборно ги дал ги погазил.

Премиерот пак возврати дека се на власт само неколку месеци и дека за разлика од претхопдниот владин состав овој не коленичел пред врататите на ЕУ но сепак очекува подобри оценки во следниот извештај.

По однос на забелешките но и главниот услов за уставните измени денеска се произнесе и собранискиот спикер Африм Гаши кој пак посочи дека собранието е спремно за овој процес но партиите најпрвин ќе треба да ги испеглаат ставовите. Во однос на забелешките и носењето закони со европско знаме но и  закони кои се носат по скратена постапка со  бројката од приближно 80% - Гаши се правдаше дека тоа е како резултат на измените во Законот за реконструкција на влада и промените во имињата на институциите и министерствата но посочи дека во иднина ќе се стремел тоа да не биде пракса. Тврди во делот на транспарентноста на собранието задоволен е од оценката на ЕК.

Освен не спроведувањето на уставните измени Секретарјатот за европски прашања во извештајот нотира лимитиран напредок во судството но без напредок во борбата против корупцијата. Во документот стои дека Македонија е добар пример за мултиетничко општество, но потребни се суштински реформи, а билатералните договори со Грција и Бугарија треба да се спроведуваат со добра волја.

Во долгата листа забелешки спомнати се и Протоколот со Бугарија, Историската комисија, но и дека во изминатите месеци на односите Скопје - Софија негативно влијаеле изјави на одредени политичари. Во делот со Грција пак, нотирана е заклетвата која претседателката Сиљановска Давкова ја даде во собранието неупотребувајќи го уставното име.