Парното поскапе за 5,03% пресуди цената на гасот
Поскапува парното. Регулаторна го прифати барањето на ЕСМ да се зголеми цената на топлинската енергија. Скопјани од утре ќе плаќаат за 5 проценти повисоки сметки или во просек по 100 денари повеќе од претходно.
Причина за новото зголемување на цената е поскапениот природен гас на светските берзи, но и намаленото производство на ТЕ-ТО. Наместо вообичаените 60 отсто, оваа топлана сега учествува со 51 процент во вкупното снабдување со топлинска енергија, што дополнително го зголемува притисокот врз цените, објасни првиот човек на Регулаторна Марко Бислимоски.
Наскоро се очекува и „Топлификација Скопје Север“ да поднесе барање за корекција на цената на парното за овој дел од градот. Последното зголемување на цената доаѓа откако двете подружници на ЕСМ веќе побараа поскапување на топлинската енергија за 20 отсто, оправдувајќи го со зголемените трошоци за набавка на гориво. Опозициските партии на нож го дочекаа најновото поскапување. Од СДСМ велат дека по дебаклот со кошничките, сега доаѓа и зголемената цена на парното, но и одбиувањето на власта да ја зголеми минималната плата.
Од Левица обвинија дека со непомагањето на ЕСМ, власта придонела цехот да го плаќаат граѓаните со поскапо парно.
И покрај ова, од Регулаторна велат дека земјава се уште има најевтино парно во регионот, правејќи споредба со Белград каде што цената е повисока за 71,5 проценти, во Љубљана речиси за 55 проценти, во Нови Сад за 40, во Сараево за близу 30 проценти и во Софија за 6 проценти.