Парламентарни избори во Бугарија

Бугарија одржува парламентарни избори,  Македонија го чека исходот. За победа се борат двете водечки спротивставени сили во бугарската политика ГЕРБ и БСП, ВМРО БНД на Каракачанов пак според анкетите се бори за цензус.

Досегашниот бугарски премиер Борисов за прв пат гласаше без медиумско присуство и објави фотографии само на фејсбук. По гласањето замина за манастирот Дивотин. Борисов сепак не остана без зборови па на фејсбук прокоментира дека ова се најскапите избори во Бугарија а испрати и критики до претседателот Радев дека изборите можеа да се закажат една недела подоцна. 

- Ги гледате податоците денеска и во последните три дена - 25, 22, 18 отсто, ние веќе излегуваме од третиот бран, поминавме половина милион вакцинирани. За една недела би биле во подобра форма. - изјави Бојко Борисов ГЕРБ.

Борисов и Радев  со години покажуваат нетрпелвост во ставовите, а денеска ниту двајцата не останаа имуни на провокации. И Радев за време на неговото гласање исто така возврати. Ја нападна извршната власт и го коментираше шпионскиот скандал во Бугарија за протекувањето информации до руските служби од бугарската војска. 

- Ако судот го потврди масовниот упад во личната безбедност, тоа значи дека имаме длабок внатрешен проблем што ја компромитира не само националната безбедност, туку и безбедноста на сојузниците, и сериозно ја дискредитира Бугарија. - изјави Румен Радев претседател на Бугарија.

Каракачанов пак денеска остана воздржан на темата Македонија, која не ја вадеше од уста целиот период. Соопшти дека не се откажува и покрај слабите анкети кои не му одат во полза. 

- Што и да одлучи бугарскиот граѓанин, тоа ќе биде. Обично политичарите сакаат да прават предвидувања, сакаат да се преправаат дека се одлични социолози, ајде да му ја препуштиме оваа улога на носител на одлука на бугарскиот народ. - изјави Красимир Каракачанов ВМРО БНД.

Според анкетите во парламентот за прв пат ќе влезат и некои мали партии како партијата на шоуменот слави Трифонов, за која се вели дека може да има важна улога по изборите во формирањето на влада, особено ако партијата на Каракачанов ВМРО БНД отпадне. 

Македонската влада се надева дека уште од утре ке се смени динамиката на преговорите Скопје - Софија. Што вистински не очекува и што велат бугарските аналитичари во однос на спорот со Македонија и бугарската политика? 

- Во однос на политиката кон Македонија, треба да се кажат две карактерни особини. Првата е дека таа неспорно е иницирана од ВМРО и ВМРО е најекстремниот глас на таа политика. Но во однос на позахтевна политика кон Северна Македонија постои доста висок консезус кај останатаите политички играчи. На пример ГЕРБ и претседателот не се согласни  скоро по ниедно прашање, но во однос на Македонија тие гледаат во една насока. БСП како основна опозициска партија на ГЕРБ, не предлага друга алтернативна политика. Ако ВМРО не влезе во парламентот, ако не влезе како коалиционен партнер во владата, сигурно ќе има омекнување на тонот, но не очекувам да има големи промени на таа политика. - вели проф д-р Ана Крастева.

Се гласа и во Македонија. Во амбасадата на Бугарија во Скопје, но се гласа и во Охрид, Струмица, Штип и Битола. 

Бугарските медиуми денеска објавија дека еден глас чини 50 лева во најсиромашниот регион во Бугарија - Видин, во северозападниот дел на земјата, а телевизијата БТВ објави и видео од човек снимен со скриена камера.

- На секого му се даваат 50 лева. За мене ќе има по бројка, ќе ми даваат 10 до 15 лева од човек. - се слуша во водеото.

Поради сомневања за купување гласови, извршени се претреси во градот Славјаното, регионот на Плевен. Телевизијата БТВ објави дека имало информации за луѓе кои се превезуваат со минибуси до избирачките места и истите биле исплатени по гласањето, а имало сигнали и за давање пари низ куќи во градот. Првични резултати од изборниот исход се очекуваат вечерва околу 20 часот по бугарско време.