Париз: Пожарот во Нотр Дам ставен под контрола во 3 часот утринава
Foto

Париз: Пожарот во Нотр Дам ставен под контрола во 3 часот утринава

Пожарот во катедралата Нотр Дам е ставен под контрола  во 3 часот утрово, по осумчасовната огнена стихија, соопшти противпожарна служба на Париз, јавуваат западни медиуми.

Огнот, кој се случи во раните вечерни часови, брзо се распламти, изгоре главната кула, која потоа се урна, а набрзо и целиот покрив.

Пожарникарите успеаја да спречат уништување на главната камбанарија и се обиоа да спасат религиозни реликвии и непроценливи уметнички дела.

Во пожарот еден пожарникар е тешко повреден.

Структурата на Нотр-Дам „е спасена и зачувана во целост”, соопшти противпожарната служба, но две третини од покривот е целосно уништен.

– Можеме да сметаме дека структурата на Нотр-Дам е спасена и зачувана во целост, изјави генералот Жан-Клод Галет, командант на Бригадата на пожарникари во Париз.

-Пожарот сега е со намален интензитет, појасни францускиот државен секретар за внатрешни работи Лоран Нуньез, повикувајќи да се остане „исклучително претпазлив”.

Претходно високите француски претставници изјавија дека не се сигурни дека катедралата ќе биде спасена.

Според градоначалничката на Париз Ан Идалго, најголемиот број од вредните предмети и реликвии кои се чуваа во Нотр-Дам се извлечени, а според ректорот на катедралата, Круната со трње и туниката на Сен-Луј, два предмети од исклучително значење за католиците, се „спасени” од огнот што ја опустоши Нотр-Дам од Париз, рече епископот Патрик Шовет, ректорот на катедралата.

Круната со трње, според католичкото верување, е онаа што римските војници ја ставија на Исусовата глава за да се потсмеваат со него непосредно пред неговото распетие.

Foto

0 Коментари

Остави коментари