„Парада на гордоста“

Љубовта е љубов, а нашата порака е посилна кога нашите гласови се обединети, порачаа денеска присутните на втората „Парада на гордоста Скопје 2021“. 

Националната мрежа против хомофобија и трансфобија која воедно е и организатор на парадата велат дека парадата е  протест, но и прослава, на која ги реафирмираат надежите за посолидарно, похумано и поправедно општество. Парадата ја отвори годинешниот македонски претставник на Евровизија, Васил Гарванлиев.

Поддршката на вакви настани е задача на функционерите затоа што на тој начин дополнително и на поинакво ниво се подига свеста дека и луѓето од ЛГБТ заедницата треба да ги уживаат истите права како и другите граѓани, вели пратеничката Љатифе Шиковска. 

Поддршка на парадата даде и координаторката на неформалната собраниска група за унапредување на правата на ЛГБТ заедницата, пратеничката Маја Морачанин. 

Во пресрет на втората „Парада на гордоста“, меѓународната организација за човекови права, Civil Right Defenders спроведе регионално истражување на јавното мислење во кое беа вклучени над 6.000 испитаници. Податоците за Македонија покажуваат дека мнозинството граѓани го поддржуваат правото на ЛГБТИ луѓето да одржат мирен Марш на гордоста. 

Според податоците, главен фактор што придонесува за ваквите резултати е прашањето дали граѓаните се во комуникација со граѓани кои припаѓаат на оваа заедница. 

Во однос на причините зошто се организира „Парада на гордоста“, безмалку половина од испитаниците се согласуваат дека парадата има легитимна цел да го сврти вниманието на јавноста кон својата ранлива позиција. Наспроти ова 40 отсто од прашаните мислат дека парадата се организира за да го испровоцира мнозинството кое не го поддржува нивниот животен стил.