Паника и плач во делови од Русија по објавената делумна мобилизација на Путин
Голем број руски граѓани брзаат да резервираат билети во еден правец за излез од земјата, откако претседателот Владимир Путин нареди делумна мобилизација на воените резервисти за војната во Украина.
Цените на билетите значително пораснаа, зависно од дестинацијата, се движат и во илјадници евра, а поради очигледните стравувања дека границите на Русија наскоро би можеле да бидат затворени или дека Путин може да најави општа мобилизација.
Ер Србија, единствениот европски авио-превозник покрај Туркиш ерлајнс кој ги одржува летовите за Русија и покрај ембаргото за летови на Европската унија, забележа дека билетите за летот Москва-Белград брзо се распродадоа за следните неколку дена, додека цената за летовите од Москва до Истанбул или Дубаи достигнаа над 9.000 евра. Поголема група Руси денеска слетаа на белградскиот аеродром. Низ солзи кажаа дека се плашат за своите семејства и дека во Белград најмногу ќе престојуваат кај роднини и пријатели.
„Мојот сопруг остана во Русија. Многу мои пријатели добија повик за мобилизација. На моите колеги и воопшто на младите момци“. - Јулија
„Многу сум исплашена за моето семејство и пријателите, и секако за мојата безбедност. Пред некое време и ќерка ми дојде во Белград. Сега јас и мојот сопруг дојдовме во Белград да бидеме безбедни. Сакаме да останеме овде“. - Ирина.
Мобилизираните мажи ширум Русија ги напуштаат родните места, придружени со плач и расплакани семејства, а информациите говорат дека масовно заминуваат за Грузија и Финска. Оние што успеале да ја поминат границата велат дека на руската страна има колона од најмалку пет километри, а дека на граница чекале седум часа. Во Русија за одлуката на Путин се поделени.
„Се плашам дека ова е само почеток, може да има целосна мобилизација“. - граѓанин.
„Ако нашите лидери го побараат тоа, ние мора тоа да го почитуваме, тоа е наша должност, јас му верувам на Путин сто насто“. - граѓанка.
Очајот кој владее низ Русија беше видлив и на протестите организирани во различни делови на земјата. Повеќе од 1.300 лица во 38 градови беа уапсени низ Русија на протестите против мобилизацијата. Во меѓувреме, заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, дозволи употреба на нуклеарно оружје за заштита на Русија и териториите што ги признава.
„Донбас и другите територии по референдумот и присоединувањето кон Русија ќе бидат значително зајакнати од вооружените сили на Руската Федерација, не само можноста за мобилизација, туку и секое руско оружје, вклучително и стратешкото нуклеарно оружје, може да се користи за нивна заштита“ - Дмитриј Медведев – Совет за безбедност на Русија.
Рускиот парламентарен лидер Вјачеслав Володин ги повика пратениците на Државната дума да учествуваат во војната во Украина по наредбата за делумна мобилизација.