Пандов во СТУДИО 10: Ние не сме биле Бугари до 1945, Бугарија да престане да го условува нашиот пат кон ЕУ

Во врска со уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот, Александар Пандов од Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата СТУДИО 10 на ТВ24. вели дека нема никакви гаранции дека тоа ќе биде последно барање од бугарска страна и дека ќе престане условувањето на Македонија со бугаризирање на историјата.

-Самото внесување на Бугарите во Уставот не е проблематично оти ние сме мултиетничка земја, но условување на Македонија со таа историска комисија и дека треба да прифатиме дека до 1945 година сме биле Бугари за нас е неприфатливо, вели Пандов и изразува чудење како Европа воопшто може да прифати вакво условување.

 

Според Пандов, Европа по се изгледа се уште нема одлучено што ќе прави со Западен Балкан.

-Се надевам дека по изборите во СДС ќе дојдат промакедонски политичари кои ќе сфатат што се прави со договорот со Бугарија, вели Пандов.

ВМРО-ДПМНЕ за бугарските клубови „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис“ се чиста провокација за да предизвика негативна реакција, а не служат за ширење на бугарската култура. Пандов вели дека неговата партија бара овие клубови да се затворат.

-Точно е дека Ванчо Михајлов е дел од македонската историја. Бил претседател на ВМРО до 1034 година. Тој јасно се декларирал како Бугарин и ние не можеме тоа да го исклучиме. Мене ме вреѓаат и ставовите на Зоран Заев па не велам дека тој не е Македонец. И тој е дел од македонската историја, вели Пандов.

Според Пандов, ние сме склони да ги бришеме од историјата оние ликови кои не ни се допаѓаат. Никој од историјата не ги брише личностите сеедно колку негативна била нивната историска улога.