Палмер: САД со нетрпение очекуваат земјава да стане 30-та членка на НАТО

Местото на Македонија е во европското семејство , порача Метју Палмер на заминување од Скопје. За САД, членството во НАТО е веќе завршена работа – на ред се евроинтеграциите. Специјалниот претставник за Западен Балкан кој остана три дена во државата и оствари средби со политичкиот врв, изјави дека САД и во иднина ќе праќа силни пораки на европските партнери – а тоа е дека Македонија и припаѓа на Унијата.

„Ја реафирмиравме американската поддршка за европската интеграција и перспектива - што го кажавме јасно тука во Скопје и ќе продолжиме, исто така, јасно да го кажуваме тоа и на нашите европски партнери. Патот кон НАТО кој е јасен и чист и патот за членството во ЕУ. Ние очекуваме во партнерство со властите во Скопје, но и во партнерство со нашите европски пријатели и сојузници да ја исполниме таа цел.“ - вели Метју Палмер специјален претставник на американскиот државен секретар.

Нема загриженост и околу имплементацијата на Преспанскиот Договор. Палмер потврди дека спроведувањето на Спогодбата, изминативе денови била тема на разговор со власта и опозицијата. САД се убедени дека договореното меѓу Македонија и Грција и во иднина ќе продолжи.

Метју Палмер специјален претставник на американскиот државен секретар - Ние продолжуваме да го поддржуваме Договорот од Преспа. Тој е клучен за мирот, стабилноста и безбедноста на балканскиот регион и ние сме убедени дека сето ова ќе се движи напред, чекор по чекор. 

По средбата со американскиот висок дипломат, премиерот Заев напиша:

„Определба на земјата за евроатлантските процеси е непоколеблива. На средбата со заменик-помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер изразив благодарност за ратификацијата на протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО во американскиот Сенат.“

Во овој специфичен период за Македонија – по франуското НЕ и американската ратификација за НАТО, индикативна е и пораката на Палмер кој одбра токму Скопје да биде местото на собир на амбасадорите на САД од регионот на Југоисточна Европа. Синоќа под раководство на македонското МНР се оддржа работен прием на американските дипломати и претставници на Стејт Департментот. Дискусијата продолжува и денеска, а Метју Палмер порача дека планира да се врати наскоро. Од тука заминува во Приштина, Белград и Атина.