Палевски преку писмо тврди дека е невин за убиството на Вања и дека е жртва на политички прогон

Првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо прв пат се огласи преку писмо соопштено на социјалните мрежи од политичката партија Десна. Од партијата потврдуваат дека зад писмото, односно „соопштението за јавноста“ напишано на дваесет и петти февруари, стои лидерот на Десна, а според наведеното напишано е во затворот во Баликесир.

Палевски наведува дека е невин и е жртва на политички прогон и дека ангажирал адвокат. 

- Во суштина ова е втор обид на СЈО, да, да СЈО, но овој пат организирано во ОЈО да наместат, конструираат случај против мене, за што поседувам и докази дека се служат со тортури и уцени на луѓе за да конструираат предмет. Секако и ова на СУД, не во ОЈО на Бубевски, шанса нема, тие веќе ми пресудиле. - вели Палчо.

Додека за екстрадицијата на Палевски се чека потпис од турските власти, денеска заменик министерката за правда Аврамовска Мадиќ, не сакаше да го коментира напишано и се што е поврзано со судската постапка, екстрадицијата за да не се наштетува на постапката.

„Судската постапка е завршена, се чекаат административните документи да се завршат и очекуваме дека Љупчо Палевски ќе биде екстрадиран.“ - вели Викторија Аврамовска-Мадиќ заменик министерка за правда.

Минатиот месец министерот за правда Кренар Лога беше на средба со својот турски колега Јилмаз Тунч на која беше разговарано за Палевски. Првоосомничениот Љупчо Палевски - Палчо, турската полиција го приведе во Баликесир на петти декември. Претходно македонското МВР распиша меѓународна потерница за него. Палевски кога ќе биде донесен во државава, ќе биде спроведен во казнено поправна установа согласно решение на суд и понатаму ќе тече постапката пред правосудните органи.

Наодите од обдукцијата пак, кои се готови од декември надлежните решија дека нема јавно да ги соопштат. Покрај Палевски, за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се осомничени и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски за кривични дела - убиство и грабнување. Додека пак, осомничениот Александар Ѓорчевски-таткото на Вања, истрагата го сомничи дека им помогнал на другите за грабнувањето на Вања.