ПАДНА ИСТАНБУЛ
Foto

ПАДНА ИСТАНБУЛ

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му ја честита победата на кандидатот на опозицијата Екрем Имамоглу на повторените избори за градоначалник на Истанбул. Имамоглу убедливо го победи неговиот ривал Бинали Јилдирим од владејачката партија. Десетици илјади луѓе во Истанбул ја прославуваа победата на локалните избори на кандидатот на опозициската Републиканска народна партија. Изборите за градоначалник на Истанбул беа повторени откако беа поништени резултатите од гласањето пред три месеци. Имамоглу тогаш тесно победи и беше градоначалник на Истабул 18 дена, но Изборниот одбор ги поништи резултатите. Овие повторени избори се сметаа и како своевиден тест на способноста на Турците да му се спротивстават на се поголемата авторитативна власт на нивниот претседател. Имамоглу кој пред 3 месеци победи со 13 илјади гласови разлика, сега доби 800 илјади гласа повеќе од Јилдирим. Имамоглу веднаш по победата го повика претседателот Ердоган на заедничка соработка, а на приврзаниците им порача дека го осветлиле образот на Турција.

- „Сакам да се заблагодарам на секој граѓанин на Истанбул. Вие ја заштитивте репутацијата на турската демократија во очите на светот. Подготвен сум да работам со турскиот претседател во хармонија, и се стремам кон тоа. Објавувам пред сите жители на Истанбул, дека веднаш откако ќе стапам во функција сакам да го посетам за да му ги презентирам моите планови и мислења, но и да ги слушнам неговите.“ - изјави Екрем Имамоглу – нов градоначалник на Истанбул.

Претседателот Ердоган наведе дека го прифаќа изборниот резултат, а тоа го стори и неговиот кандидат, поранешниот турски премиер Бинали Јилдирим.

- „Мојот конкурент Екрем Имамоглу победи на овие избори. Му честитам и му посакувам среќа“. - изјави Бинали Јилдирим – кандидат за градоначалник од владејачката партија на правдата и развојот

Истанбул за прв пат по 25 години ќе го води партија која не е на власт. Овој втор пораз за владејачката Партија на правдата и развојот на претседателот Реџеп Таип Ердоган во најголемиот турски град и трговски центар, претставува, како што оценуваат аналитичарите, голем срам за претседателот Ердоган.Тоа, според нив, би можело да ја ослабне неговата, како што до неодамна се чинеше, железна власт. Некои аналитичари сметаат дека поразот во Истанбул би можело да предизвика реконструкција на владата во Анкара и прилагодување на турската надворешна политика.

0 Коментари

Остави коментари