„ОЗНАКАТА ЗА ДОВЕРБА“ Е МНОГУ ВАЖНА ЗА ДОВЕРБАТА ПРИ ИЗБОРОТ ЗА ДОНИРАЊЕ

Здружението на граѓани „Конект“, неодамна на саем ја доближи „Ознаката за доверба“ до граѓаните. Оттаму појаснија дека таа претставува саморегулирачки систем кој има за цел на индивидуалните и на корпоративните донатори да им го олесни изборот на граѓански  организации од доверба во коишто сакаат да донираат и да ги поддржат.

Ознаката за доверба се доделува на организации што доследно работат за своите мисии, ги штитат интересите на корисниците и донаторите, создаваат вистински промени во заедниците, работат домаќински и одговорно со средствата што граѓаните, бизнисите и институциите им ги донираат. Работат во поширок јавен интерес и тоа одговорно и отчетно го комуницираат во јавноста. 

„Ознаката за доверба се стреми долгорочно да ја засили соработката помеѓу граѓанските организации, бизнис заедницата, донаторите и јавните институции. Ние во Конект работиме со сите нив и меѓусебно ги поврзуваме. Ознаката за доверба поставува стандард за добро работење и алатка за организациски развој на граѓанските организации коишто се природен партнер на граѓаните и компаниите кои се нивни донатори и поддржувачи.” – објасни Виктор Мирчевски, програмски раководител во Конект.

За добивање ознака за доверба можат да аплицираат регистрирани здруженија и  фондации коишто активно работат најмалку една финансиска година. Граѓанските организации коишто веќе ја имаат добиено ознаката за доверба успешно ја поминале фазата на самооценување. По тоа за потоа Конект и одборот од експерти и професионалци од различни области  извршил проверка на целата документација поврзана со работењето на организацијата. 

„Ознаката за доверба ни служи да нѐ препознаат корпоративните донатори. Проверката и поврзувањето што го организира Конект им помага на бизнисите полесно да се одлучат да ни донираат.“ – истакнува Маргарита Гулевска, извршна директорка на „Отворете ги прозорците“.

Приватниот сектор сè повеќе учествува во поддршката за решавање на проблемите во општеството, а компаниите сè почесто бараат партнери помеѓу граѓанските организации.

Донирањето и поддршката на организациите со ознаката им го олеснува изборот на донаторите и заштедува време на проверки и претходни анализи. 

Конект е здружение на граѓани од Македонија формирано во јуни 2008 од страна на неколку ентузијасти кои веруваат дека државата има потенцијал да се развива потпирајќи се на локални ресурси и капацитети.