Овации за Народниот театар од Битола, вечер отворање на Музејот во движење „Прилеп во фокус“

ромогласни аплаузи и овации добија актерите на Народниот театар од Битола синоќа во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“, по изведбата на претставата „Црно семе“ од Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски. Актерската екипа предводена од Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Горко, Петар Спировски, Никола Пројчевски... ја одушеви публиката со темата која е добро позната за нашиот народ.

Како што информира Македонскиот театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“, на вториот фестивалски ден се реализира и првата тркалезна маса, за претставата „12“ на Македонскиот народен театар. Убава дискусија се разви симболично во 12 часот за „12“, a ja водеше Звонко Димоски, кој рече дека концептот на претставата не е само театарска рефлексија врз правдата, туку е претставен обид да се види како сме подготвени да си погледнеме во сопствените предрасуди.

Режисерот Синиша Евтимов потсети дека текстот го имал во фиока, а познатиот филм бил податно парче за реализација на претставата.

-Во финалната реализација тргнав од тоа дека ние како македонско општество сме последица на некоја друга причина. И ова е претстава која говори за некомпетентноста на одредени личности. Ние сме жртви на елитизмот во театарското општество. Поентата е и оној кој е начитан, и оној кој првпат влегува во театар да се обидат да ја разберат приказната. Ако сакам да пратам порака, можам да пратам писмо.... Беше тешко да ги одберам глумците, да се запознаеме, и како тим да бидеме добри. Таа е една ода, симфонијата ја пренасочивме до џез, рече режисерот на тркалезната маса.

Актерот Сашко Коцев посочи дека претставата е за поединци кои се тотално некомпететни луѓе, а кои не водат. -Во претставата сме собрани 12 солисти. Според мене е монолог кој треба да го зборува еден човек. До тие партитури беше тешко да се стигне. Бев на сцена со оние луѓе заради ја одбрав оваа професија – рече Коцев.

Реткост е да се соберат 12 од најдобрите, заедно да бидат, сплотени. Целиот проект беше процес кој ретко се случува. Еднаш седнав на масата со нив, мислејќи дека е пауза. Но всушност тие пробуваа. Од првата проба започна продажбата на билети, која ни оди во прилог и до денес трае, посочи директорот на МНТ, Никола Кимовски.