Оваа недела се очекуваат ефектите од владината одлука за ограничување на профитната маржа

Оваа недела се очекува граѓаните да ги почувствуваат ефектите од владината одлука за ограничување на профитната маржа на дел од основните прехранбени производи. Цените на 73 прехранбени производи кои се дел од есенската потрошувачка кошница треба да бидат пониски до 31 октомври. 

Од Министерството за економија велат дека одлуката ќе почне да се применува веќе следниот ден откако владината одлука ќе излезе во Службен весник. 

Производите вклучени во есенската кошница на полиците, фрижидерите и разладните уреди, треба јасно да бидат обележани со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“. 

Одлуката е донесена врз основа на податоците од Државниот завод за статистика, за индексот на трошоци за живот, кои покажуваат дека во август годинава во однос на декември лани евидентирано е зголемување на трошоците за храна за четири проценти. 

- Согласно податоците, во консултација со работната група која беше формирана од претставници од министерствата за економија и труд,  за финансии и за земјоделство, сметаме дека ваквото зголемување на трошоците за храна и безалкохолни пијалоци е прекумерно и несразмерно во однос на растот на трошоците за набавка и оперативните трошоци кои трговците ги имаат. Нашите проценки се дека со стапување во сила на оваа одлука трошоците за храна и безалкохолни пијалоци ќе се намалат во просек за околу 10 проценти, со што ќе се намалат и трошоците за живот во потрошувачката кошница за групата храна и пијалоци, истакна во петокот на прес-конференција министерот за економија Бесар Дурмиши.

Премиерот Христијан Мицкоски во саботата во изјава за медиумите рече дека со есенската потрошувачка кошница опфатени се производи што најмногу ги користат граѓаните. 

 

Според опозициската СДСМ, мерките на Владата се задоцнети и нема да имаат ефект врз цените и стандардот на граѓаните.