Отворено 65. издание на „Охридско лето“
Со гала концерт на американската пијанистка Клер Хуангчи и Македонската филхармонија под водство на маестро Едвин Оутвотер, на Античкиот театар во Охрид вечерва свечено беше отворено 65. издание на најреномираниот музичко-сценски фестивал во земјава - „Охридско лето“. Фестивалот ќе трае до 20 август и ќе донесе повеќе од 40 дена врвна уметност, музика, театар и креативен дијалог од целиот свет.
Свеченото отворање го прогласи покровителката на фестивалот, претседателката Гордана Сиљановска - Давкова, која во своето обраќање го истакна вековното културно наследство на Охрид како непроценлив контекст во кој „Охридско лето“ ја гради својата вечност. „Охрид е град на вековни дијалози… Уметноста овде не е привремена, туку безвременска“, порача таа, повикувајќи ги присутните да ги отворат срцата за уметноста што „не заробува, туку преобразува“.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, нагласи дека фестивалот не е само програма, туку духовен завет, трајна врска меѓу културното минато и европската иднина. „Овде уметноста не се изведува - таа се случува, се памети и се вградува во нашата колективна културна меморија“, рече Љутков, подвлекувајќи ја потребата од постојано културно осознавање.

