Отворено 42. издание на фестивалот „Браќа Манаки“
Foto

Отворено 42. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Четириесет и второто издание на „Браќа Манаки“ треба да покаже дека фестивалот е жив, витален и опстојува покрај сѐ,  како што мораме и во секој друг сегмент од животот да продолжиме понатаму со оптимизам и надеж и покрај сите тешкотии и проблеми кои не притискаат секојдневно, рече претседателот Стево Пендаровски на отворањето на фестивалот на филмска камера синоќа во Битола.

Пендаровски, кој е покровител на манифестацијата, истакна дека благодарение на фестивалот, Битола и Република Северна Македонија се присутни на светските филмски мапи и се посакувана дестинација за кинематограферите и останатите филмски работници од сите светски меридијани.

-Годинава и покрај тоа што како и целиот свет сѐ уште се бориме со пандемијата имаме фестивал во целосен формат, за што најискрено им честитам на организаторите, на сите поддржувачи и фанови на фестивалот и секако на драгите гости кои дојдоа во Битола.  Деновите поминати во карантин, во изолација, во нашите домови, нѐ потсетија колку подвижните слики се неопходни за нашите животи. Исто така, не натераа да ја видиме разликата помеѓу малите екрани и магијата на големото платно. Да се надеваме дека нашите животи ќе се вратат во нормала, ќе има се помалку ограничувања, а сѐ повеќе можности за животни радости и за дружење со уметноста, наведе Пендаровски.

Новото издание на ИФФК „Браќа Манаки“ почна со музички настап на Каролина Гочева, која придружувана од Никола Мицевски на пијано изведе неколку нумери од филмови. На отворањето беше прикажан филмот „Сестри“ на режисерката Дина Дума.

0 Коментари

Остави коментари