Отворање на изложбата „Старите мајстори и македонската модерна“ вечерва во МКЦ

Во Галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје вечерва ќе биде отворена изложбата „Старите мајстори и македонската модерна“, истражувачки проект на авторот проф. Кирил Пенушлиски.

Како што соопштуваат организаторите, изложбата претставува длабинско истражување на комплексниот однос меѓу европското уметничко наследство и развојот на модерната уметност во државата. Проектот го анализира влијанието што творештвото на старите европски мајстори го имало врз македонските модерни уметници, не само како извор на техничко знаење, туку и како поттик за критичко преиспитување, интерпретација и создавање нови визуелни јазици.

– Преку внимателно селектирани дела на некои од најзначајните македонски уметници, меѓу кои Личеноски, Лазески, Корубин, Чемерски и Пенушлиски, поставката го осветлува процесот низ кој авторите воспоставуваат посреден, но суштински дијалог со европската ликовна традиција. Нивните дела сведочат за динамичниот однос меѓу традицијата и модерноста, прикажувајќи како преку копирање, изучување и творечка трансформација на класичните модели се создаваат автентични изрази што стануваат темел на македонската модерна - стои во соопштението.

Поставката отвора и пошироки прашања за улогата на културното наследство како жив, активен и релевантен фактор во современото уметничко творештво, позиционирајќи ја македонската модерна уметност во поширок европски контекст.

Проектот е поддржан од Министерството за култура, а изложбата ќе биде отворена за посетителите до 20 мај.