Отворање на изложбата „Лица“
Во Галерија „Метаноја“ вечер ќе биде отворена изложбата „Лица“ со дела на дванаесет уметници од Македонија: Сергеј Андреевски, Ниче Василев, Томе Мишев, Синиша Новески, Тони Попов, Ване Костуранов, Никола Пијанманов, Вангел Срнаков, Стефан Младеновски, Игор Мишев, Мартина Спасовска и Никола Тренов, а рецензент е Коста Милков.
-Во чест на творештвото на професорот Владимир Георгиевски, оваа година учесниците во изложбата „Несовршен простор" го третираат портретот. Соодветно со тоа насловот на изложбата е ЛИЦА. Трагајќи по совршениот простор и пристап кон ликовното дело, во концептот на оваа изложба се бараат синхронизациите меѓу просторот во кој се создава и просторот во кој се изложува ликовната креација. И на оваа изложба ќе се направи синтеза од различностите меѓу стилските особености на неколку ликовни творци од различни генерации, кои активно создаваат во своите ателјеа, се наведува во најавата.
Жири за годинашната награда „Владимир Георгиевски" се Андреј Митевски – скулптор, Јасмина Котевска – историчарка на уметноста и Фросина Георгиевска - претставникот на фамилијата Георгиевски.
Изложбата е дел од годишната програма на Министерството за култура, а Здружението за култура „Транзен“ ја реализира во соработка со семејството Георгиевски и Галеријата Метаноја во Скопје.

