Отворање на Европските денови на културното наследство

По 27 пат денеска ќе бидат отворени Европските денови на културното наследство. Отпочнувањето на манифестацијата ќе се одбележи со отворање на изложбата „Европските денови на културното наследство на Балканот“ во Музејот на Република Северна Македонија.

– Европските денови на културното наследство низ цела Европа фрлаат светлина на одржливото наследство. Се очекува сеевропската тема „Одржливо наследство“ да поттикне анализи и иновативни процеси на вреднување на различностите, како и стремеж за добробит на заедниците, на патот кон одржлив развој. Повеќе од 50.000 настани што ќе се реализираат годинава низ целиот континент, имаат за цел да ја препознаат вредноста на заедничкото европско наследство и потребата тоа да се сочува за денешните и идните генерации, наведуваат од Музејот.

Во рамките на манифестацијата, ќе бидат организирани отворања на изложби, работилници, перфроманси, едукативни активности и организирани посети со водичи, со учество на триестина музеи, граѓански здруженија, училишта и други институции од четиринаесет градови и села во нашата држава.