Отворање на 52. Мајски оперски вечери со Вердиевата опера „Трубадур“
Со премиера на операта во четири чина „Трубадур“ на Џузепе Верди, вечер во Националната опера и балет ќе бидат отворени 52. Мајски оперски вечери. До крајот на месецот фестивалот ќе понуди програма во која покрај оперски дела ќе има и една балетска претстава.
Операта „Трубадур“, опишана како „симфонија на љубовта, одмаздата и судбината“, ја режира Иван Поповски, диригент е Енрико Довико од Италија, сценограф Миодраг Табачки од Србија, костимограф е Марија Пупучевска и кореограф Саша Евтимова.
Во насловната улога ќе настапи тенорот Зоран Сотиров, ликот на Ацучена ќе го толкува мецосопранот Сања Анастасија од Србија. Покрај нив, ќе настапи екипа од домашни артисти: Марјан Јованоски, Сандра Митровска, Владимир Саздовски, Дејан Стоев, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Јане Дунимаглоски, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.