„Отровен воздух“ во Македонија

Нова година стари проблеми. Македонија повторно дише екстремно лош воздух. После неколку дена меѓу првите десет, главниот град попледнево се најде 14 место на листата на најзагадени градови на светот.

Индексот 164 на страната IQAir значи дека скопјани, вечерва дишат воздух со лош квалитет. Но, ништо подобро не е ниту во другите градови низ земјата.

Поради големи концентрации на ПМ 2,5 честичките, воздухот е категоризиран како екстремно лош во Берово, Гостивар и Тетово.

Податоците на Европскиот Индекс за квалитет на воздух пак го покажуваат следново:

  • “Екстремно лош (сиромашен)” на мерните станици во Берово, Гостивар и Тетово заради зголемени концентрации на PM2.5 честички.

  • Како “многу лош” се класифицира воздухот во Струмица, Битола 2, Кичево заради заради зголемените концентрации на PM10 честички, додека во Ѓорче Петров заради зголемени концентрации на PM2.5 честички.

  • Во Скопје (Лисиче и Центар), Неготино и Прилеп како “лош” заради зголемените концентрации на PM10 честички, додека во Кочани и Гевгелија заради зголемени концентрации на PM2.5 честички.

Институтот за јавно здравје со препорака: Останете дома ако немате потреба да излегувате, носете маска, не отворајте прозорци, конзумирајте храна богата со витамини.

За градовите со “Екстремно лош (сиромашен)” индекс на квалитет на воздух

  • Останете дома ако не треба да излегувате.

  • Останете дома или намалете го физичкиот напор, особен на отворено, особено доколку почувствувате симптоми како што се кашлица или болки во грлото.

  • Возрасните и децата со проблеми со белите дробови, возрасните со срцеви проблеми и постарите луѓе треба да избегнуваат напорна физичка активност.

  • Бремените жени треба да останат дома.

  • Луѓето со астма може да откријат дека треба да користат почесто нивниот инхалатор. Ако треба да излезете, носете маски со докажана ефикасност.

  • Лицата со хронични заболувања редовно да ја земаат терапијата, а по потреба, доколку почувствуваат симптоми, веднаш да се јават кај својот матичен доктор или во болница.

  • Избегнувајте престој и активности на отворено (спорт, рекреација).

Невозможно е да се опише целиот обем на потенцијалната штета од загадувањето, велат здравствените работници. Но, континуирана изложеност секако доведува до влошување на здравјето на луѓето.

„Сите оние кои што се хронично болни, луѓе кои што имаат проблеми со белите дробови, со кардио-васкуларните заболувања, доведуваат до оштетување на виталните органи. Знаеме дека делува врз нас, добиваме алергии, добиваме кашлици, кивавици, сето тоа влијае врз нашето здравје и врз нашето секојдневие. Секако дека и децата се во опасност, сите сме во опасност. Го знаеме ова. Не е нешто што се случува прв пат годинава. Ова е нешто што се случува со години наназад и ништо не превземаме.“ - вели Илчо Ефтовски доктор по општа медицина.

Граѓаните немоќни креваат раменици и се надеваат дека ќе дувне ветер и ќе го исчисти воздухот. Невладините организации незадоволни од мерките кои надлежните ги преземаат за правување со ситуацијата.

„Знаеме сега дека од министерство тука има препораки кои што се случуваат но за жал тие препораки се токму тоа. Препораки. Не дозволуваат конкретни мерки кои што ќе мора да се направат од страна на инспекторите, како што е забрана целото тоа согорување од страна на компаниите, фирмите. Во вакви случаи мораме да имаме конкретни, реални мерки ако сакаме да го подобриме аерозагадувањето.“ - вели Горјан Јовановски од Зелен хуман град.

Иако Битола и Тетово повторно се меѓу најзагадените градови во земјава, Согласно податоците од Државниот миниторинг систем за квалитет на воздухот, министерство за животна средина ги укина препораките за Битола и Тетово.