„Отровен“ воздух
Скопје и денеска според мерењата е повторно меѓу градовите со највисок индекс на загадување. Според табелата на платформата за мерење на аерозагадувањето „Ај кју аир“,утрово Скопје е на седмо место во светот и е најзагаден град во Европа. Со вредност на нивото на штетни ПМ честички од 164 единици. Алармот за загаден воздух е вклучен и во Струмица, прагот на алармирање на суспендирани честички до 10 микрометри е надминат во текот на два последователни денови. Поради надминат праг на алармирање за загаденост на воздухот Министерството за животна средина и просторно планирање даде препораки.
Министерство за животна средина и просторно планирање:
„Да се засилат вонредните инспекциски надзори за А и б Интегрирана еколошка дозвола, да се направи континуиран мониторинг и јавен пристап на измерените податоци, да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, како и на градилиштата. Дополнително се забранува горење на отворено и се препорачува на работодавците да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, но и да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот. Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.“
И од ИЈЗ препорачуваат да се остане дома или да се намалат активностите на отворено, да се носат маски, да се обезбеди добар квалитет на воздухот во домот како и да се следи индексот на квалитет на воздухот, здравствена заштита за осетливите групи.
Изминатиот период во Скопје се одржаа два протести за состојбата со аерозагадувањето, на кои еко активистите испорачаа барања. Според анализите, 18 отсто од вкупната смртност во земјава можат да се препишат на изложеноста на тековните концентрации на штетни ПМ честички во воздухот.

