Отпечаток од прст и фотографија од лице при прв влез - од 12 октомври ќе се применува новиот систем за влез во ЕУ
Нови правила за влез во Шенген зоната - биометрија наместо печати. Од 12 октомври стартува новиот дигитален систем – ЕЕС, а граѓаните ќе мора да остават биометриски податоци – отпечаток од прст и фотографија при првиот влез во некоја од членките на Унијата, но и Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.
Податоците потоа ќе бидат евидентирани во системот, а на секој следен влез, службениците за пасошка контрола на границите, само ќе направат потврда.
Евромбасадорот Рокас денеска порача дека овој систем има за цел да go забрза и олесни патувањето, но и да спречи измама.
– Оваа е мерка што ја преземаме, со цел да го засилиме безбедносното ниво и да се справиме со измамите, на сите точки на влез во Европската унија. Таа ќе биде постепена, но исто така е и мерка која ќе го олесни преминувањето на границите од трети земји, изјави евроамбасадорот Михалис Рокас.
Од ЕУ брифираат дека системот ЕЕС, ќе се вовевува постепено – во 4 фази и со рок од 6 месеци. Новите правила за земање податоци нема да важат за деца до 12 години, но и за оние со двојно државјанство.
Македонија граничи со две членки на ЕУ – Грција и Бугарија. Од Грција е потврдено дека новиот дигитален систем ЕЕС – целосно ќе се имплементира од 12 октомври на сите гранични премини, а од Бугарија најавиле дека два гранични премини ( Деве Баир и Ѓуешево) ќе го применуваат од крајот на октомври, а на другите два премини со Македонија, ќе се применува на крајот на оваа и почетокот на следната година.
Вториот дел од новите правила е воведување на ЕТИАС системот или електронска регистрација – која пак ќе стартува од крајот на 2026та година.
– Не треба да има забуна- дека системот ЕЕС и ЕТИАС се два одделни системи. ЕТИАС е предвиден за во иднина.Ќе обезбедиме да добиете повеќе информации за него, пред неговата имплементација, порача Рокас.
ЕТИАС регистрацијата ќе биде онлајн, а цената најверојатно ќе изнесува 20 евра. По пополнувањето на апликацијата, одобрувањето треба да се добие за неколку минути, а тој сертификат ќе важи три години и ќе биде бесплатен за лица под 18 години и над 70 години.
Двата система ЕЕС и ЕТИАС се комплементарни еден на друг и ќе функционираат паралелно.

