Откажано отворањето на бугарски клуб во Пустец, Албанија - нема дозвола за регистрација
Денешното отворање на бугарскиот клуб во Пустец Албанија сепак нема да се случи. Градоначалникот на Пустец Пали Колефски за ТВ24 вели досега надлежните институции не издале никаква дозовола за отворање на клуб, а за најавата дознале од социјалните мрежи.
Oдложена е регистрацијата на бугарскиот клуб во Пустец, но заедно ќе го прославиме Денот на бугарската писменост, порачаа доцна синоќа од бугарската фондација Македонија преку социјалните мрежи.
„Поради одложена регистрација на Бугарскиот културен клуб утре го откажуваме свеченото отворање, но заедно во 13 часот ќе го прославиме 24 мај, денот на бугарската писменост.“ - ФБ статус Фондација Македонија.
По најавата за отворањето во јавноста имаше бурни реакции дека станува збор за провокација кон Македонија, бидејќи во Пустец живеат претежно македонци.
Досега веќе имаше информации од страна на Македонското друштво „Илинден“ Тирана дека Софија врши бугарска асимилација на Македонците во Албанија. Претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај во изјава за ТВ24 побара надлежните институции серизоно да се позанимаваат со решавање на овој проблем.
Дека има спорадични случаи на бугарска асимилација на Македонци во Албанија неодамна потврди и шефицата на албанската дипломатија, Олта Џачка за време на нејзината посета на Македонија. А во македонското МНР веќе постои работна група, која следи што се случува и предлага конкретни чекори.

