Откако Шуто Оризари повторно остана без гинеколог, жените во општината се очајни
Алмедина Дубовиќ од Шуто Оризари остана без матичен гинеколог, бремена во осми месец и со ризична бременост поради висок притисок. Таа е една од 1200 пациентки на д-р Божидар Бошковски во Шуто Оризари, кој даде отказ по шест месеци работа во албулантата во општината. Жените од оваа општина мака мачат цела деценија со ова прашање. Велат, секој гинеколог кој дошол, заминал по некое време.
Жените кои биле пациентки на д-р Бошковски се оставени на милост и немилост на другите лекари. На овие жени им треба потврда за редовна контрола на бременоста, за да можат да ги остварат своите социјални права, како паричен надоместок за дете. Од Иницијативата на жените од Шуто Оризари долги години се обидуваат да најдат гинеколог кој ќе остане да работи тука. Со надлежните разговарале и им било ветено дека гинекологот ќе остане овој пат, и дека ќе треба да донесе и колега за помош, но ништо не било исполнето.
Претходно, овие жени немаа матичен гинеколог девет месеци. Претходната докторка работеше две години, а потоа отвори приватна ординација во друга оптшина.
Од здравство кратко ни одговорија дека прават напори во најскоро време да обезбедат нов гинеколог. Во април годинава, набавија специјална опрема за гинекологија во амбулантата во вредност од 39 илјади евра, која сега седи во празната просторија и чека на нов гинеколог.