Откако државата не дала пари, штипската болница сама ќе плати 120 илјади евра за поправката на апаратот за магнетна резонанца

По два месеци дефект, ќе проработи апаратот за магнетна резонанца во штипската болница. Сервисери од соседна Србија денеска работат на замена на расипаната „ладна глава“, дел кој болницата ја чини 120 илјади евра.

Се расипал на почетокот на јули, а откако раководството на болницата не успеало да добие пари од државата за негова замена, тоа сега го прави од сопствен буџет.

Дел од граѓаните се жалат дека поради двомесечното неработење на магнетната резонанца, итните случаи морале да се препраќаат во други болници. Од друга страна, директорот Георгијев вели ова не е точно и дека овој апарат никаде во светот не се користи за итна дијагностика и за итни случаи, туку за допрецизирање на дијагнозата, откако таа претходно се поставува со помош на рентген, ехо, компјутерска томографија и крвна слика. Поради нерационалното користење на апаратот, оние пациенти на кои навистина им е потребен, често чекаат со месеци, вели тој.

Сепак, откако ќе биде поправен дефектот, се очекува термините за два месеци однапред, да бидат резервирани за само неколку минути.

И додека се поправа магнетната резонанца, во дефект е апаратот за ангиографија, кој често се користи во болницата. Директорот Георгиев вели дека иако овие дефекти доаѓаат во време на енергетска криза, кога болницата се соочува со енормно високи сметки за струја, обезбедени се пари за поправка и за овој апарат, кој се очекува да биде ставен во функција во октомври.