Отфрлени пријавите против поранешниот шеф на управата за финансиска полиција, Арафат Муареми
Обвинителството не пронајде докази за вина кај поранешниот шеф на Управата за финансиска полиција(УФП), Арафат Муареми. Тој е ослободен после пријавите на анонимни граѓани за примање награда за противзаконито влијание, а поради кои поранешната шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска нареди претрес во финансиската полиција.
На 18 јули лани во полицијата беше извршен претрес по анонимна дојава на граѓанин, а сомнежите беа дека се чуваат предмети во фиока за што Муареми земал поткуп. Во соопштението кое на 9 јуни го објави обвинителството се вели дека првично биле запленети 35 предмети, а подоцна, од УФП дополнително се доставени 380 предмети. Од Муареми биле одземени едно УСБ и еден компјутер.
„Од доставеното вештачење и анализа на содржината на одземената компјутерска опрема е утврдено дека документите и компјутерските податоци немаат поврзаност со конкретниот предмет. Не произлезе основано сомневање дека пријавениот со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед, барал, интервенирал, поттикнувал или на друг начин влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши или да не се изврши службено дејствие што би морало да се изврши, а за посредувањето да примил награда или друга корист“, се вели во соопштението на обвинителството.