Освен ЕСМ, К-15 исплатила и државната Мепсо
Foto

Освен ЕСМ, К-15 исплатила и државната Мепсо

Електрани на Северна Македонија не е единствената државна компанија која поделила К-15 овој месец на своите вработените. ТВ 24 дознава дека и МЕПСО, која е во целосна државна сопственост, во сред пандемија потрошила милионски суми евра за регрес за годишен одмор. Секој вработен и во оваа енергетска компанија добил по 26 000 денари, исто онолку колку што добија и вработените во ЕСМ.

Но за разлика од Електрани на Македонија кои транспарентно  ги објавија бројките, МЕПСО не дава детали. ТВ 24 достави новинарски прашања, колку пари компанијата потрошила за К-15, колку вработени добиле и по колку пари. Но одговорот од таму стигна во една реченица.

„АД МЕПСО исплати К - 15 на своите вработени за 2020 година согласно Законот за работни односи и Колективниот договор.“

ЕСМ потроши  над 2,6 милиони евра за К-15, а пари добиле сите 5.600 вработени и тоа по 26.000 денари. Од компанијатa вчера соопштија дека исплатата е одобрена од Управниот одбор и нема законска пречка. Дополнително со исплатата на К-15, велат дека во буџетот се влезени 260 000 евра, по основ на платен персонален данок.

Исплатата на К-15 е законско право, но од Министерството за финансии велат дека постапката не е коректна и одговорна. Компаниите треба да го земат предвид моралниот аспект на постапката во оваа криза, кога ни се случува Ковид 19. Државата отвори сметки за донации за граѓаните да и донираат пари. А основаше и посебен Ковид Фонд. 

Според атрактивноста на позицијата и висината на платите државните ЕСМ и МЕПСО во изминатите години избиваат како компании во кои се вработуваат блиски роднини на функционери. А праксата покажа дека властите се менуваат, но „роднините“ остануваат да си работат.

Потврда за тоа е и последниот скандал во МЕПСО, каде се вработи сестрата на министерот за економија, Крешник Бектеши. Антикорупциска докажа дека тој имал влијание при нејзиното вработување, но сестрата продолжи да си работи, а Бектеши не понесе одговорност. За низата роднински варботувања, политичка одговорност понесоа двајцата директори на ЕСМ и МЕПСО, кои беа сменети од Владата.

0 Коментари

Остави коментари